Свет Балкан Свилановиќ: Западен Балкан веднаш да го искористи поттикот од ЕУ

Свилановиќ: Западен Балкан веднаш да го искористи поттикот од ЕУ

Стратегијата на Европската Унија за Западен Балкан уште еднаш ја подвлече важноста на регионалната соработка и добрососедските односи како главен елемент за напредокот на земјите кон нивниот европски пат и мора да се направат клучни промени и да се искористи моментот, порача денеска генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ.

– Клучните промени мораат да дојдат од нас, од регионот, бидејќи ние сме творци на нашата сопствена иднина. Нашата задача е веднаш да го искористиме овој позитивен потстрек, настојувајќи да ги решиме билатералните и мултилатералните спорови и уште поинтензивно да работиме на развојот на нашиот регион – вели Свилановиќ.

Со Стратегијата на ЕУ се предвидува постојните спогодби и обврски на земјите од Западен Балкан да станат оперативни, пред се преку примената на Повеќегодишниот акциски план за развој на економскиот простор што го подготви РСС, а кој беше усогласен и прифатени од лидерите на земјите на самитот во Трст во јули 2017 година.

Свилановиќ додава дека РСС ќе продолжи да ги подржува земјите од регионот во нивните настојувања и дека ќе настојува активностите што се договорени со владите од регионот да се спроведуваат.

РСС е оперативно тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија. РСС на самитот во Трст меѓу ЕУ и Западен Балкан доби значителна улога во координацијата и спроведувањето на регионалната интеграција и поттикнување на економиите.