Економија Светската финансиска елита в петок доаѓа во Скопје на конференција чиј домаќин...

Светската финансиска елита в петок доаѓа во Скопје на конференција чиј домаќин е НБМ

Народната банка ќе биде домаќин на Меѓународната конференција на високо ниво за монетарна политика и управување со финансиски средства, на тема „Глобалната економска експанзија, динамиката на инфлацијата, финансиската стабилност и значењето за управувањето со финансиски средства во меѓународни рамки“, која ќе се одржи в петок, на 16 февруари во хотелот „Мериот“.

На конференцијата ќе учествуваат заменик на извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Тао Џанг, членот на извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ) Беноа Куере, и Луиз Авазу Переира да Силва, заменик главен директор на Банката за меѓународни порамнувања (БИС).

Значајно за Конференцијата е учеството на претставници од најголемата финансиска корпорација за управување со финансиски средства во светот, „Блек Рок“ и од една од најзначајните глобални банки, „УБС“ (UBS).

„За првпат во Македонија на едно место ќе учествуваат високи претставници на меѓународните финансиски институции, централните банки и глобалните деловни банки, чии што политики и пазарни реакции имаат глобално влијание. Домашната стручна јавност добива ретка можност на едно место да ги слушне ставовите и излагањата на високите претставници на меѓународно значајните финансиски институции и глобалните деловни банки за актуелните економски прашања и предизвиците за наредниот период“, информираат од Народна банка.

Панелисти на конференцијата се и вицегувернерот на Развојната банка при Советот на Европа (СЕБ), како и високи претставници и директори од Светската банка (СБ), Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и реномирани професори.

Потврдено е присуството на гувернери, вицегувернери и членови на советите на централните банки на Словачка, Латвија, Ерменија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Бугарија, како и високи претставници на централните банки на Белгија, Италија, Унгарија, Полска, Хрватска, Црна Гора, Грузија и Азербејџан.

Исто така, на Конференцијата ќе присуствуваат претставници од 15 европски и азиски глобални банки со кои Народната банка има развиено и одржува добра деловна соработка во процесот на управување и инвестирање на девизните резерви на Република Македонија.

Конференцијата е организирана во соработка со „Комитетот за преобразување на Бретон Вудс“ (The Reinventing Bretton Woods Committee – RBWC) од Париз, Франција.