Подглавна секција „Супер вторник“: Бајден и Трамп доминираа на прелиминарните избори, Хејли со изненадувачка...

„Супер вторник“: Бајден и Трамп доминираа на прелиминарните избори, Хејли со изненадувачка победа во Вермонт

Ниту актуелниот ниту поранешниот претседател не успеаја да ги обезбедат номинациите на нивните партии, но и двајцата најверојатно ќе го сторат тоа во следниве две недели

Фото: Joe Biden: Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America (source: Joe Biden); User:TDKR Chicago 101 (clipping)Donald Trump: Shealah Craighead (source: White House)Сombination: krassotkin, CC BY-SA 2.0, Викимедија комонс

Џо Бајден и Доналд Трамп во голема мера стигнаа до лесни победи во таканаречениот „Супер вторник“ – ден кога гласачите во 15 сојузни држави и една американска територија гласаат за номинација на кандидати од Демократската и Републиканската партија. Во раните резултати, Бајден и Трамп извојуваа победи на прелиминарните избори во Калифорнија, Вирџинија, Северна Каролина, Мејн, Масачусетс, Оклахома, Тенеси, Тексас, Арканзас, Алабама, Колорадо и Минесота, пренесува Гардијан.

Бајден победи и на демократските прелиминарни избори во Ајова и Вермонт, но ја загуби Американска Самоа.

Од друга страна, Ники Хејли го победи Трамп на републиканските прелиминарни избори во Вермонт, што е нејзина втора победа.

Доналд Трамп е проектиран победник и во тесната трка против Хејли во Јута, јави утрово Си-би-ес Њуз.

Ниту актуелниот ниту поранешниот претседател не успеаја да обезбедат номинација на нивните партии, но и двајцата најверојатно ќе го сторат тоа во следниве две недели.

Резултатите, пишува Би-би-си, покажаа предупредувачки знаци за двајцата кандидати, истакнувајќи ги нивните потенцијални слабости. Бајден треба да биде загрижен за излезните анкети кои сугерираат дека прашањето за кое најмногу се грижат гласачите е имиграцијата и јужната американска граница. Ова прашање го има „потписот“ на Трамп и беше во фокус на неговиот синоќешен победнички говор.

И Бајден и Трамп се нападнаа еден со друг во своите вчерашни изјави и говори. Бајден кажа дека Трамп бил фокусиран на одмазда и „решен да ја уништи демократијата“.

„Резултатите од вечерва го оставаат американскиот народ пред јасен избор: дали ќе продолжиме да одиме напред или ќе му дозволиме на Доналд Трамп да нè вовлече назад во хаосот, поделбата и темнината што го дефинираа неговиот мандат?“, изјави Бајден.

Во својот говор во Мар-а-Лаго, пак, Трамп се пофали со победата изјавувајќи дека „никогаш немало нешто вакво“ и повторно ги нападна мигрантите, тврдејќи дека американските градови се „преземени од мигрантски криминал“. Поранешниот претседател често ги исмеваше мигрантите и даваше неосновани и расистички коментари дека се опасни, забележува Гардијан.

На Бајден му требаат 1.968 делегати за да ја обезбеди номинацијата на Демократската партија. До „Супер вторникот“ имаше 206, а прелиминарните избори вчера му понудија уште 1.420. Според проекциите, ако продолжи да се пробива низ прелиминарните избори, Бајден би можел да обезбеди номинација најрано по гласањето на 19 март и резултатите од Флорида, Илиноис, Канзас и Охајо.

Трамп во вчерашниот ден влезе со 273 делегати, на „Супер вторникот“ освои уште 865, а потребни се 1.215 за да ја добие номинацијата на Националната конвенција на Републиканците. Со вчерашните резултати, најрано што Трамп би можел да обезбеди номинација е исто така на 19 март со Аризона, Флорида, Илиноис, Канзас и Охајо.

Трамп доби „одложена победа“ во Колорадо, откако американскиот Врховен суд во понеделникот едногласно донесе одлука дека државите не можат еднострано да исфрлат претседателски кандидат од гласачкото ливче користејќи го 14-тиот амандман.