Македонија Судот му го одзеде пасошот на поранешниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески

Судот му го одзеде пасошот на поранешниот градоначалник на Прилеп, Марјан Ристески

На поранешниот градоначалник Марјан Ристески и на уште пет лица Основниот  суд Прилеп им изрече мерка за претпазливост, односно им ги одзеде пасошите.

Тоа е направено на барање на Основно јавно обвинителство Прилеп, кое води истражна постапка по кривичната пријава за злоупотреба на службената положба и овластување поради сомнежи за местење тендери за зимско одржување на градот, информираат од Основниот суд во Прилеп.

Во април прилепската полиција поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената должност и овластување против поранешниот градоначалник на Прилеп Марјан Ристески, но и уште против четири лица, со иницијали И.К. (63), Љ.М. (58), И.Ч. (67), Б.Н. (54), а против едно лице, со иницијали М.С. (59) за злоупотреба на постапка за јавен повик.

Кривично е пријавена и фирмата „Пела Транс“ ДООЕЛ од село Мажучиште, прилепско, а во врска со кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“.

Сите пријавени овозможиле фирмата „Пела Транс ДООЕЛ“ село Мажучиште да се стекне со противправна имотна корист, по склучени договори за јавни набавки за зимското одржување на улиците и патиштата на територијата на општина Прилеп за периодот од 2012 до 2017 година во висина од 77.031.890 денари.