Главна секција Судот ѝ одреди 30 дена притвор – Катица Јанева спроведена во истражниот...

Судот ѝ одреди 30 дена притвор – Катица Јанева спроведена во истражниот затвор во Шутка

Кривичниот суд во Скопје вечерва одлучи да ѝ одреди 30 дневен притвор на спeцијалната јавна обвинителка Катица Јанева. Тоа го побара Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во врска со случајот „Рекет“, а притиворот е побаран поради „основано сомневање за злоупотреба на службената положба и овластувања и заради стекнување на лична корист“.

Обвинителката Вилма Рускоска по излегувањето од Судот изјави дека сметале оти во овој момент е неопходно да се одреди притвор за Јанева.

Таа вечерва беше спроведена во истражниот затвор во Шуто Оризари, а на барање на нејзиниот одвокат утре ќе присуствува на погребот на мајка ѝ во Гевгелија.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е уапсена по налог на Обвинителството за организиран криминал и корупција, потврди републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Обвинителката Вилма Русковска на денешната прес-конференција потврди дека приведената Јанева прво е однесена во просториите на СЈО, од каде е одземен службениот компјутер на специјалната обвинителка.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески нагласи дека нема индиции оти незаконски прибавените средства завршиле кај домашни или странски политичари.

Обвинителството за организиран криминал ја товари Јанева дека се стекнала со имотна корист во висина од 298.000 денари во материјални добра – мебел.