Македонија Судиите и Рибарев разговарале за годишниот распоред за работа

Судиите и Рибарев разговарале за годишниот распоред за работа

Вчера и денеска судиите во Основниот суд Скопје 1 одржале состаноци со новиот в.д. претседател на судот, Стојанче Рибарев, и ги дале своите своите мислења и предлози околу подготвувањето на годишниот распоред за работа на судиите.

Како што соопштуваат од судот, состаноците биле на иницијатива на Рибарев. Утре, додаваат оттаму, во Основниот суд Скопје 1 ќе се одржи закажаната редовна посета на судиите од Апелацискиот суд Скопје, на која ќе се разгледуваат „актуелните прашања во врска со примената на законите, ажурноста во работењето и проблемите со кои се соочуваат судовите во секојдневното работење“.

Кон крајот на минатиот месец, претходната в.д. претседателка на судот, Татјана Михајлова, донесе нов годишен распоред за работа на судиите, кој наиде на жестоки реакции кај експертската јавност, но и кај дел од судиите во Основниот суд Скопје 1, кои беа прераспоредени од кривичниот во прекршочниот и во други оддели во судот. Распоредот на Михајлова беше толкуван и како обид за чистка во судот поради предметите на Специјалното јавно обвинителство.

На почетокот на овој месец, Врховниот суд поништи седум од прераспоредувањата. По неколку дена Михајлова си поднесе неотповиклива оставка од функцијата в.д. претседател на судот, а на нејзино место беше избран Стојанче Рибарев.