Македонија „Студентски пленум“ излегува од работните групи со МОН

„Студентски пленум“ излегува од работните групи со МОН

Апсењето на студeнтите и упадот на полицијата во библиотеката „Браќа Миладиновци“ е причинта поради која студените ќе излезат од работните групи што ги формираа со Министерството за образование и наука, а во кои требаше да го подготват новиот закон за високо образование.

– Поради крахирањето на политичките процеси и на демократските вредности, се зголемуваат нашите сомнежи во капацитетот на оваа влада и во нејзините добри намери. Со други зборови, за студентите оваа влада повеќе не е легитимна. На вчерашниот генерален интерен пленум, студентите едногласно изгласаа излегување од работните групи за законот за високо образование и прекинување на секаква соработка со МОН и со другите институции – велат од „Студентски пленум“.

Студентите велат дека од сега ќе функционираат преку интерната работна група во рамките на Универзитетот „Кирил и Методиј“, која ја сочинуваат „Студентски пленум“, „Професорски пленум“ и членови на универзитетскиот сенат.

– Се надеваме дека таа работна група ќе продолжи да работи на законот за високо образование, но нема да соработуваме, да седнуваме на маса и да се договараме со МОН. Кога ќе биде готов законот, реално има доста време дотогаш, ние ќе видиме како може да го имплементираме и повторно да го предложиме преку МОН и Собранието – додаваат студентите.

Од „Студентскиот пленум“ изразија длабоко сочувство до смејствата на загинатите припадници на безбедносните сили.