Дописници Струга: Директор на „Проаква“ го оштетил претпријатието за повеќе од 200.000 денари

Струга: Директор на „Проаква“ го оштетил претпријатието за повеќе од 200.000 денари

Полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против 49-годишниот А.В. од струшкото село Радолишта, поради постоење основи за сомневање за злоупотреба на службена положба и овластување.

Пријавениот, во својство на директор на јавното претпријатие „Проаква“, во текот на 2011 година ја злоупотребил својата положба и овластување и оттуѓил целосно амортизирано возило „застава-поли“, возила „волга“ и „хундаи соната“, како и еден багер „радое дакиќ“.

Од купувачите не биле уплатени парични средства на сметка на претпријатието, при што за вредноста на овие основни средства го оштетил претпријатието. Продажната вредност во времето на оттуѓување била 242.000 денари од кои, по пат на компензација, за багерот се наплатени 123.000 денари, при што јавното претпријатие е оштетено за износ од 129.000 денари. При преглед на финансиските картички, констатирано е дека трите пикап-возила ги немало во книговодствената евиденција и дека со посебни машини, без документација туку само со усна наредба на пријавениот, биле подигнати од отпадот во Охрид.

Во книговодствената евиденција немало доказ за евентуална продажба и на возилото „хундаи соната“, кое подоцна било пронајдено кај автомеханичар во струшкото село Велешта.

Во врска со одлуката за формирање тричлена комисија која била овластена да формира продажна цена на основните средства по пат на наддавање – лицитација, констатирано е дека трите члена воопшто не биле информирани дека се избрани во таа комисија ниту, пак, од службата добиле решенија дека се назначени членови на таа комисија. Тоа значи дека не биле запознаени за продажбата на основните средства, а решението било подготвено само од формално-правен аспект.