Македонија Стотици миграни на границата молат за помош и за влез во Македонија

Стотици миграни на границата молат за помош и за влез во Македонија

На самата граница помеѓу Грција и Македонија, на грчка територија, стотици мигранти со денови безуспешно се обидуваат да влезат на македонска територија, пишува „А1 он“. Под ведро небо, без храна и здравствена заштита, апелираат за помош. Грција бара да заминат од нејзина територија, а Македонија ги спречува да преминат илегално.

– Нè третираат како животни. За какви човекови права зборуваат? Каде се Обединетите нации да се јават, каде е Европската унија? Каде исчезна Црвениот крст? Овде има болни, ранети, уморни луѓе кои пешачеле со денови – очајно повикуваат овие луѓе.

Мигрантите, во близина на границата кај Гевгелија, но на грчка територија, за „А1 он“ велат дека македонската полиција им кажувала дека Србија најавила затворање на границата и нема да можат да поминат кон Европа. МВР ова и официјално го соопшти претходно, односно беше соопштено дека презема превентивни мерки поради најавата на Унгарија да направи ѕид со границата кон Србија, што предизвика реакција на Србија дека ќе ги враќа назад во Македонија сите мигранти. Грција, пак, бара да ја напуштат нејзината територија за 30 дена.

– Не сме животни, ние сме луѓе. Македонската влада со ваквите мерки ги поддржува криумчарите, кои за 2.000 евра сепак префрлаат некои од луѓето преку граница. Бараме само да ни дозволат да поминеме, нема да се задржуваме во Македонија – велат тие.