Свет Европа Стотици летови поради снежно невреме беа откажани на аеродромот во Франкфурт

Стотици летови поради снежно невреме беа откажани на аеродромот во Франкфурт

Повеќе од 300 од околу 1.000 планирани летови во четвртокот беа откажани, изјави портпаролката на аеродромскиот оператор Фрапорт, пренесе германската агенција ДПА

Фото: Lando Hass/dpa

Стотици летови на аеродромот во Франкфурт вчера беа откажани, откако зимската бура го принуди германскиот авијациски центар накратко да ги запре полетувањата и слетувањата.

„Повеќе од 300 од околу 1.000 планирани летови во четвртокот беа откажани“, изјави портпаролката на аеродромскиот оператор Фрапорт, пренесе германската агенција ДПА.

Авионите пристигнуваат во Франкфурт и поаѓаат од аеродромот, но воздушниот сообраќај сè уште се опоравува по невремето од замрзнат дожд и снег во поголемиот дел од западна и јужна Германија.

Не е познато дали ќе има уште откажувања во текот на денешниот ден, а портпаролката ги повика патниците да го проверат статусот на нивните летови преку интернет пред да се упатат кон аеродромот.

Аеродромот во Франкфурт е најголемиот во Германија и меѓу најпрометните во Европа.