Економија Стопанските комори предупредуваат: Ако не се реши кризата, одиме кон банкрот

Стопанските комори предупредуваат: Ако не се реши кризата, одиме кон банкрот

Ако трошите и не додавате, ако нема инвестиции и ново производство, нема можност за кредити и извори на финансирање, тогаш не е исклучено ништо, ниту банкрот. На ова денеска предупредија првите луѓе на Стопанска комора на Северозападна Македонија, Стопанска комора, Сојузот на стопански комори, Бугарско-македонската комора, Турската комора, Сојузот на израелски компании.

Нивниот заеднички став и порака е што побргу стабилизирање и нормализирање на политичката и на економската криза за да се избегне најцрното сценарио.

Тие посочија дека најпогодени од кризата се инвестициите, туризмот, но и неизвесноста од доаѓањето на печалбарите.

– Лошата политичка состојба влијае на странските и на домашните инвестиции, туризмот и намалениот број на туристи, а печалбарите од безбедносни причини може да не се вратат летово. Со тоа ќе дојде до намалување на нивните депозити, со што ќе биде доведена во прашање и стабилноста на девизните резерви, како и потрошувачката.Ова се знаци кои предупредуваат на празнење на државната каса. Се откажуваат инвестиции кои биле потпишани, лично јас имам такво искуство со мојата компанија – изјави претседателот на Стопанска комора на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи.

Тој предупреди дека ако нема туристи, не се создаваат нови производи, а првпат имаме и намален увоз од соседните земји, како и извоз, тогаш сè може да се случи. Без инвестициите нема развој и пораст на БДП, а нема да можат да се остварат и мерките за нови вработувања.

– На странските инвeститори им е важна безбедноста, тие не сакаат хаос. Сакаат однапред познати закони и легислатива врз основа на која ќе ги планираат своите активности за да остварат профит. Можно е во вакви услови да го повлечат и нивниот капитал. Оттука, треба да направиме сè за тоа да не се случи – додаде Кучи.

Наскоро коморите ќе излезат со конкретни предлог-мерки до институциите во државата, кои треба да се преземат за да не дојде до она на кое предупредуваат.