Македонија ССНМ: МПЦ-ОА да не создава паралелен судски систем за новинарите

ССНМ: МПЦ-ОА да не создава паралелен судски систем за новинарите

ССНМ повикува на будност и извршната власт и соодветните институции да водат сметка и да го заштитат новинарот Марјан Николовски, но и загарантираната слобода на изразување

Фото: Tashkoskim, CC BY-SA 3.0, Викимедија комонс

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги толкува како непримерни, недостојни и опасни обидите на МПЦ-ОА да влијае на новинарските трудови и информирањето, и остро го осудува начинот на најбескрупулозна пресметка со главниот и одговорен уредник на порталот religija.mk, Марјан Николовски.

ССНМ смета дека обвинувањата и „судската“ постапка во рамките на својата хиерархија во Светиот архијерејски синод во МПЦ-ОА се преседан кој ќе отвори простор за црковни дејствија од некои минати времиња.

„Не сакаме да навлегуваме во основата за ваквиот потег бидејќи го сметаме за беспредметен, но и не сакаме да веруваме дека во оваа држава постојат паралелни судски системи кои си земаат за право да толкуваат и оценуваат новинарски трудови, да обвинуваат, па веројатно и да санкционираат“, велат од ССНМ.

Оттаму предупредуваат и бараат притисокот веднаш да престане, а токму МПЦ-ОА, колку е тоа во нејзина моќ, да влијае да престанат оркестрираните закани по социјалните мрежи.

ССНМ во исто време ја повикува на будност и извршната власт и соодветните институции да водат сметка и да го заштитат колегата Николовски, но и загарантираната слобода на изразување.

„На тој начин практично ги штити и интересите на граѓаните да бидат информирани од сите сфери, па и од религиозните“, предупредува ССНМ.