Македонија ССМ: Кампања за организирање и за мобилизирање ново членство

ССМ: Кампања за организирање и за мобилизирање ново членство

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот со кампања за организирање и за мобилизирање ново членство.

Кампањата ќе се реализира во текот на целата година, а ќе биде фокусирана и на зачленување во синдикатите на неорганизираните работници, давање институционална можност за остварување колективна заштита и обезбедување социјална правда, социјална инклузија, солидарност и колективно обезбедени работнички права.

„ССМ и годинава ќе бара вклучување во сите процеси кои водат кон унапредување на социјалниот дијалог, повеќе и подобри работни места, спроведување индустриска демократија, унапредување на информирањето и консултирањето, учество во економското управување, унапредување на процесот на колективно преговарање и договарање, обезбедување услови за здрави и безбедни работни места, сигурни и зголемени плати, економска и родова еднаквост и обезбедување збогатени социјални права и стандарди за сите работници“, стои во соопштението на ССМ.

Изминатите години, се вели во соопштението, почнувајќи од 2010 година, по повод 1 Мај беа организирани кампањи за одредени области од заштитата на работничките права.

„Како резултат на тоа беа иницирани и донесени неколку законски решенија како што се Законот за мобинг, измените на Законот за безбедност и здравје при работа и првпат од осамостојувањето на Македонија, Законот за минимална плата со кој е утврден најнискиот износ на плата што треба да им се исплати на работниците“, се вели во соопштението.

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот. Во Македонија до 2006 година се празнуваше на 1 и на 2 мај, но од 2007 година за неработен ден е прогласен само 1 мај.

Денот на трудот се празнува во знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго, кога демонстрантите барале воведување осумчасовен работен ден.

Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени. Три години по настаните во Чикаго, на првиот конгрес на Втората интернационала што се одржал во Париз во 1889 година, е решено секоја година на 1 Мај, во сеќавање на чикашките работници, да се одржуваат масовни демонстрации.