Економија ССМ бара ковид-19 да биде професионално заболување и да се исплаќа 100...

ССМ бара ковид-19 да биде професионално заболување и да се исплаќа 100 отсто од платата при заболување

фото: ССМ

На Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, 28 април, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) побара ковид-19 да се признае како професионално заболување за сите работници. На вработените, пак, кои отсуствуваат од работа поради заболување со ковид-19, да им бидат исплатени 100 проценти од законската основица на плата.

„Последиците од пандемијата можат да бидат катастрофални. Апелираме на брзо делување на сите одговорни чинители затоа што од сите нас, без исклучок, зависи дали во периодот кој ни претстои ќе бидеме на висината на задачата да преземеме активности кои ќе обезбедат опстанок“, рече Златко Цветковски од ССМ, на денешната прес-конференција.

Ставот на ССМ е дека е потребна заедничка акција на работниците и на работодавачите за подигнување на јавната свест за здравите и безбедните услови за работа. Исто така, дека е неопходно и ефикасно делување на инспекциските служби со цел навремено да се откријат слабостите и тие да се заменат со решенија за унапредување на безбедните работни места.

Прогласување на ковид-19 за професионално заболување и исплата на 100 проценти од висината на платата за време за заболувањето, неодамна побараа и од Конфедерацијата на слободни синдикати и од Македонското здружение за заштита при работа.