Македонија Средношколците в среда на протест

Средношколците в среда на протест

„Средношколски пленум“ за среда најави протест бидејќи, како што велат, надлежните не ги слушаат нивните барања за промени што ќе го подобрат образованието. Средношколците бараат нов концепт за полагање државна матура и укинување на екстерното тестирање. Протестот ќе почне во 12.30 часот пред фонатата во Градски парк, по што средношколците ќе се упатат кон Министерството за образование и наука.

„Летото помина, учебната година почна, а единственото нешто што се промени е тоа што сме една година постари, една година позрели. Сето ова се коси со нашите барања, се коси со она за што се боревме и лани и сега сè уште. Ние баравме различни промени, коренити, промени кои ќе го подобрат нашето образование, но тие наши очекувања се сведоа на нула, а МОН останаа глуви, неми и слепи на нашите гласови и идеи. Затоа, будење! Ве повикуваме да нè почестите со вашето присуство на нашиот прв за оваа учебна година средношколски марш, на 21 октомври 2015 година (среда). Збирното место е на фонтана (Градски парк), со почеток во 12.30 часот. Направете нешто корисно за вас, за сите нас како целина, приклучете се на толпата од моќна младина по скопските улици, и кренете го гласот против лошите реформи, бидејќи не се работи за нешто на нам туѓо, за образованието се работи“, се вели во најавата за протестот.