Македонија Средбата меѓу „Средношколски пленум“ и МОН заврши без договор

Средбата меѓу „Средношколски пленум“ и МОН заврши без договор

Средбата меѓу претставниците на „Средношколски пленум“ и министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, неговиот заменик Спиро Ристовски и вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, завршила без постигнат компромис, но со договор преговорите и средбите меѓу засегнатите страни да продолжат. Во меѓувреме, бојкотот на наставата ќе продолжи, а средношколците ноќта ќе ја поминат во шатори пред МОН во паркот на новинари.

– Имавме средба со министерот Абдилаќим Адеми, неговиот заменик Спиро Ристовски и со вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски. На средбата водевме дискусија, но компромис не беше постигнат по ниедна точка од нашите барања. Само бевме уверени дека ќе имаме уште неколку средби, на кои ќе се обидеме да постигнеме некое заедничко решение. На средбата беа изложени барањата и аргументите од нашата страна, а од МОН беа изложени нивните аргумените. Бојкотот на наставата во училиштата и кампувањето во паркот на новинари продолжуваат. Најверојатно ќе одржиме уште една средба утре – вели Александар Милески од „Средношколски пленум“.

Средношколците велат дека ќе бидат 24 часа присутни пред Министерството за образование, сè додека не им бидат исполнети барањата за што имаат поддршка од родителите и од наставниците.