Македонија Средба Груевски – Орбан: НАТО и ЕУ се важни за Македонија

Средба Груевски – Орбан: НАТО и ЕУ се важни за Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска во Будимешта се сретна со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.

– Со премиерот Орбан разменивме мислење околу перспективите на Република Македонија за членството во НАТО и во ЕУ. По изборите ќе продолжиме со напорите земјата што побргу да се приклучи кон овие организации. На средбата стана збор и за актуелните предизвици поврзани со политичката криза во државата и со нејзиното надминување, при што клучен момент се претстојните избори. Политичката криза треба да заврши што поскоро, а изборите се најдобрата можност за тоа и потоа заедно, со помош на нашите пријатели, да се фокусираме на понатамошниот развој и напредок на Република Македонија – изјави Груевски.

Орбан ги потврди одличните односи меѓу двете земји и истакна дека Република Македонија може да смета на поддршката на Унгарија.

– Имав средба со Никола Груевски со кого имаме долгогодишна соработка. За време на неговото премиерување, македонско-унгарските односи достигнаа исклучително високо ниво. Меѓу двете држави изградивме вистинско пријателство и заслугата за тоа е на господинот Груевски. Ова пријателство се темели на принципи. И Република Унгарија и Република Македонија имаат свое место во Европската Унија и во НАТО. Посакуваме на нашите македонски пријатели да се зачленaт во овие организации што поскоро. Нашата соработка е успешна и ние ги поддржуваме аспирациите на Република Македонија за ЕУ и за НАТО – истакна премиерот Орбан.