Култура Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и НУ Драмски театар- Скопје ќе соработуваат

Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и НУ Драмски театар- Скопје ќе соработуваат

Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и НУ Драмски Театар – Скопје ќе почнат заемна соработка. На уникатен начин ќе ги соединат спортот и културата, давајќи голем акцент на сите што го сакаат спортот и што уживат во културата. Оваа соработка ќе влијае на подобрувањето на физичката активност, а и ќе го зголеми интересот за што повеќе спортување и здрав живот, што е една од главните цели на СЦ „Борис Трајковски“.

– Како директор на СЦ „Борис Трајковски“, ми претставува задоволство што денеска ја претставуваме заедничката соработка помеѓу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и НУ Драмски театар- Скопје. Горди сме за ова убаво и уникатно партнерство затоа што границите на овие институции се прошируваат и интересите се зголемуваат. Ова е одлична иницијатива за соединување на корисниците на две врвни институции, кои ќе имаат можност да ги поврзат спортувањето и уметноста. Посетителите на НУ Драмски Театар – Скопје ќе можат да добијат попуст на услугите на дел од капацитетите на Спортскиот центар, како фитнес-центарот, кугланата, пинг-понг и аеробик-центарот и пливачкиот базен – изјави Златко Перински, директор на СЦ „Борис Трајковски“.

Задоволство од соработката изрази и Роберт Вељановски, директор на НУ Драмски театар – Скопје

– Драго ми е што спортот и културата ќе се соединат на интересен начин. Љубителите на уметноста ќе можат да спортуват, а спортистите и рекреативците ќе можат да го следат репертоарот претстави на НУ Драмски Театар – Скопје. Корисниците на услугите во СЦ „Борис Трајковски“ ќе имаат попуст на билетите за претставите кои се на репертоарот, што е прва соработка од овој вид во Република Македонија – изјави Вељановски, директорот на НУ Драмски театар – Скопје.