Главна секција Спасовски: Евроазиските служби на Груби се како жолтите комбиња на Груевски

Спасовски: Евроазиските служби на Груби се како жолтите комбиња на Груевски

Министерството за внатрешни работи нема информации за евроазиски тајни служби кои имаат влијание на безбедноста и на кризата во државата, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, додавајќи дека наводите за вакви служби, кои ги посочи шефот на кабинет на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и носител на листа во изборната единица 1, Артан Груби, му наликува на приказната со жолтите комбиња што прислушувале низ Скопје.

– МВР нема сознанија дека евроазиски служби биле виновници за кризата во Македонија. Тоа го слушнав вчера од една од партиите на власт и мене ова ми личи на приказната со жолтите комбиња што прислушуваат во Скопје. Имаше жолти комбиња (според тврдењата на поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, еден од начините на кои било вршено незаконското прислушување н.з.) и што се движеа низ Скопје и прислушуваа, а денеска имаме некакви евроазиски служби кои презеле мерки за разнебитување на Република Македонија. Факт е дека таква информација нема, а доколку имало, сигурно дека службите ќе презеле одредени мерки – рече Спасовски.

Носителот на кадидатската листа на ДУИ во првата изборна единица, Артан Груби, во вторникот на дебата во емисијата „200“ на телевизијата „Алсат М“, рече дека кризата во Македонија и во регионот има „евроазиски автор“.

– Јас верувам дека мнозинството граѓани веруваат дека има влијание на различни сили, евроазиски, во создавањето на проблеми во безбедносните прашања. Тоа го гледаме и во формирањето на одредени политички партии и тоа е алармантно и неприфатливо за нас. Кризата што се развива во Босна, во Србија, Косово и во Црна Гора, a истата и во Македонија, јас мислам дека има евроазиски автор – рече Груби, кој на новинарско прашање кој се тој автор, додаде дека „не би сакал да го именува директно во недостиг од силни аргументи“.