Македонија Спасовски: ЕУ да донесе заедничка одлука за менаџирање со мигрантската криза

Спасовски: ЕУ да донесе заедничка одлука за менаџирање со мигрантската криза

Европската унија да донесе заедничка одлука за менаџирање на мигрантската криза, која Македонија, иако не е членка на ЕУ, ќе ја почитува и спроведува, било заклучено на денешаната средба на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, со извршниот директор на Меѓународниот центар за развој на миграциски политики (ИЦМПД), Михаил Шпинделегер.

Спасовски, како што соопштуваат од МВР, на средбата ја презентирал моменталната состојба, начинот на регистрација на мигрантите и чекорите што се преземаат за заедничко дејствување на сите земји на миграциската рута.

„Министерот Спасовски нагласи дека сè уште е далеку крајот на мигрантската криза, поради што побара од Шпинделегер да изнајдат начин да ја вклучат и Грција во активностите на ИЦМПД, бидејќи Грција и Турција, која е во постапка на зачленување, се, исто така, многу важни во менаџирањето на мигрантската криза“, стои во соопштението на МВР за средбата.

Шпинделегер, на крајот на состанокот, нагласил дека ИЦМПД планира во текот на 2016 година да почне со проект за помош на властите во земјава за соодветно справување со мигрантската криза.