Македонија Спасов: Преку мерката за млади, вработени 6.126 лица

Спасов: Преку мерката за млади, вработени 6.126 лица

Повеќе од 60 компании учествуваат на Саемот за вработување што денеска се одржа во Тетово. Според министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денешниот саем е последниот од првиот циклус од вкупно осум вакви настани што оваа есен и зима се одржале во поголемите градови во сите региони од Македонија.

– Станува збор за еден новитет во организација на Агенцијата за вработување за да се поттикнат невработените активно да бараат работа и да стапат во директен контакт со компаниите кои имаат слободни работни места, да достават свои биографии и податоци со какви квалификации располагаат и друго, со што полесно ќе го најдат своето вработување. Од друга страна, ова е и добра можност за компаниите да се запознаат со активните мерки и политики на Агенцијата за вработување и на Министерството за труд и социјална политика. Во февруари ние ќе го претставиме и новиот оперативен план за овие активни мерки за вработување за 2015 година – изјави Спасов.

Тој посебно се осврна на резултатите постигнати со мерката за вработување млади до 29 години, при што компаниите се субвенционираат при плаќањето на социјалните придонеси и на персоналниот данок за 12 месеци, со обврска да го задржат вака вработеното лице најмалку уште 12 месеци.

– Од почетокот на оваа мерка, во март 2014 година, досега, за помалку од 10 месеци, вукпно се вработени 6.126 млади, што покажува дека оваа системска мерка дава големи резултати и таа ќе продолжи и во текот на оваа година за да заврши во март 2016 година. Самата бројка од повеќе од 6.000 вработени млади лица за овој период симболично е споредлива како да се отворени шест големи фабрики – рече Спасов.

Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, посочи дека саемите за вработување покажале оти се зголемила довербата помеѓу невработените и компаниите и овозможиле невработените да го решат своето вработување, а компаниите да најдат кадар што дотогаш не можеле да го најдат.

– Истовремено, младите кои се определуваат за продолжување на своето средно или високо образование, преку нас може да се запознаат какви образовани профили се потребни на пазарот на трудот и така да го насочат своето образование – рече Поповски.