Свет Советот за безбедност на ОН без резолуција за примирјето во Украина

Советот за безбедност на ОН без резолуција за примирјето во Украина

Советот за безбедност на ОН ќе се вклучи во дополнителните консултации за прекинот на огнот на истокот на Украина, но сè уште не е време за усвојување резолуција, изјавија денеска дипломатите.

Советот за безбедност вечерва би требало да гласа за руската нацрт-резолуција, во која се повикуваат сите страни да го спроведат договорот постигнат за прекин на огнот.

Сепак, одредени земји имаат амандмани, вклучувајќи ја и Малезија, која побарала во текстот да се спомене и патничкиот авион „Малезија ерлајнс“, кој кон средината на јули минатата година беше соборен над истокот на Украина.

Артилериски и минофрлачки напади вчера беа регистрирани околу Донецк, без оглед на примирјето, кое се почитува во останатите делови на фронтовската линија меѓу проруските и украинските сили.