Македонија Состојбата со слободата на говорот и со медиумите не е добра, смета...

Состојбата со слободата на говорот и со медиумите не е добра, смета Орав

Состојбата со слободата на говорот и со слободата на изразувањето во Македонија не е добра. Ова го изјави амбасадорот на Европската Унија (ЕУ) во земјава, Аиво Орав, на конференцијата „Поддршка од ЕУ за слободата на говорот и за слободата на изразувањето“ која се одржа денеска во Скопје, пренесува порталот „Нова ТВ“.

– Слободата на изразување и медиумското опкружување и понатаму остануваат сериозен предизвик. Предизвиците значат немање избалансирано и правично известување, сопствено цензурирање на новинарите, кои немаат целосен пристап до јавни информации, независност на регулаторното тело не е запазена, финансирањето на медиумите не е доволно транспаретно, известувањето на јавниот сервис не е адекватно, а заедницата на новинарите е поделена – рече Орав.

Тој посочи дека медиумите мора да се придржуваат на професионалните стандарди, додавајќи дека иако сите ја потпишале повелбата за известување за време на избори, таа слабо се почитува.

Орав истакнува дека етичките приципи не треба да важат само за време на избори, туку тие треба да бидат постојан дел од известувањето на медиумите.