Македонија Сопствениците на викендички и повеќе станови од 1 јануари со нова давачка

Сопствениците на викендички и повеќе станови од 1 јануари со нова давачка

Целта е да се намалат сметките за електрична енергија за повеќето граѓани за да се постигне фер дистрибуција на трошоците

Фото: Pexels on Pixabay

Од почетокот на следната година ќе се воведе нова потставка во месечните фактура за електрична енергија за пристап до мрежата, најави Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Целта на оваа потставка е да се зголеми износот кој го плаќаат сопствениците на викендичките и куќите кои не се користат често во годината, а притоа да се намали месечната фактура за останатите корисници на струја.

Според проф. д-р Рубин Талески од Факултетот за електротехника и информациски технологии, станува збор за порано употребуваниот фер принцип за сијалично место. Со оваа реформа ќе се заокружи процесот на фер сметки и ќе се обезбеди правична распределба на трошоците меѓу оние кои редовно ја користат мрежата, од другите кои тоа го прават повремено, како во викендичките, или пак поради тоа што користат сопствено производство на струја од фотоволтаици, смета Талески.

„Зар на некој што има пет стана му е проблем да плати плус 100 денари? Се прават анализи колку ќе биде оваа давачка, но ќе биде меѓу 50-250 денари“, рече Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ.