Македонија Собраниската комисија препорача одземање на имунитетот на Груевски

Собраниската комисија препорача одземање на имунитетот на Груевски

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, со пет гласа „за” ги усвои шесте барања од Кривичниот судот за одземање на имунитетот на пратеникот Никола Груевски, заради мерка притвор. На седницата не присуствуваше ниту еден пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј почесен претседател е Груевски.

Судот бара притвор за Груевски за изборни измами во случај „Титаник“, за нерегуларности при изградба на автопати – случај „Траекторија“, за уривање на „Космос“ – „ТНТ“, за незаконско финансирање на партијата – случај „Талир“, како и за случајот „Шамари во Општина Центар“.

Одлуките за барањата за одобрувања на мерката притвор ќе бидат испратени до претседателот на Собранието, Талат Џафери кој треба да закаже пленарна седница.

Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски изрази разочарување што, како што кажа, нашиот систем не го обезбеди Груевски за издржување на двегодишната казна за случајот „Тенк“. Побара одговорност и завршување на истрагата за бегството на Груевски.

За да му биде одземен пратеничкиот имунитет на Груевски, потребни се најмалку 61 глас.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја закажа седницата за во 17 часот.