Македонија Собранието ја избра Добрила Кацарска за уставен судија

Собранието ја избра Добрила Кацарска за уставен судија

Со 61 глас „ЗА“, Собранието попладнево ја избра Добрила Кацарска за нов уставен судија. Кацарска е избрана за судија во Уставниот суд по предлог на Судскиот совет. Нејзиниот мандат ќе трае 9 години, а таа доаѓа на местото на досегашниот уставен судија Владимир Стојановски, чиј мандат му истече во април годинава. Со изборот на Кацарска, се комплетира составот на Уставниот суд.

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ жестоко се спротивстави на изборот на Добрила Кацарска за уставен суд и на денешната собраниска седница не присуствуваше на гласањето. Расправата пред изборот на новата уставна судијка помина во мошне бучна атмосфера, поради противењата на опозицијата за нејзин избор.

Добрила Кацарска е судијка со 30-годишно искуство, која што судела предмети како од кривичната област, така и предмети од граѓанската област. На позицијата уставен судија доаѓа од Основниот кривичен суд во Скопје, каде досега беше судијка за организиран криминал.