Економија Собранието го усвои Царинскиот закон за олабавување на казнена политика

Собранието го усвои Царинскиот закон за олабавување на казнена политика

Хармонизација со законодавството на Европската унија, побрз проток на стоки и олабавување на казнената политика, предвидуваат измените и дополнувањата на Царинскиот закон, кои ги усвои Собранието на вчерашната седница.

– Целта на измените е подобрување на легислативата во насока на создавање на униформна, правична и пропорционална примена на прекршочните одредби, соодветно на тежината на сторениот прекршок. Со предложените измени во прекршочните одредби се врши намалување на глобата од 250 евра на 50 евра за правно лице и од 50 евра на 15 евра за физичко лице, за делот од царинските прекршоци за кои е предвиден мандатен платен налог – рече министерот за финансии Драган Тевдовски во експозето на законот.

Со предложените измени се овозможува взаемното признавање на издадените одобренија за овластен економски оператор во рамките на ЦЕФТА, што ќе придонесе за олеснување на регионалната трговија.

„Ова е голема придобивка за македонските трговски друштва кои тргуваат во регионот, на кои ќе им се овозможи побрз проток на стоката која се извезува, помалку физички и документарни контроли и можност да го одберат местото каде ќе се спроведат контролите. Со измените на законот се врши и усогласување со Конвенцијата за заедничка транзитна постапка. Со овие измени се усогласуваат одредбите кои се однесуваат на употреба на гаранции за обезбедување на плаќање на царинскиот долг или други давачки кои можат да настанат во врска со стоката ставена во транзитна постапка“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.