Галерија Соба во „Мериот“ ќе чини од 128 до 176 евра, а претседателскиот...

Соба во „Мериот“ ќе чини од 128 до 176 евра, а претседателскиот апартман – повеќе од 500 евра

Цените за изнајмување соба во новоотворениот скопски хотел „Мериот“ се од 128 евра до 176 евра за една ноќ, во зависност од типот на собата, а достапни за резервација се од 15 мај, пишува на веб-страницата www.marriott.com.

Да се изнајми претседателскиот апартман, кој е во понудата на хотелот, но сè уште не е готов, ќе чини повеќе од 500 евра од вечер, а апартманот се наоѓа на седмиот кат.

Хотелот има вкупно 164 соби, распоредени по категории „де лукс“ и „егзекјутив“, а располага и со апартмани „јуниор“, „егзекјутив“, „премиер“, како и со еден апартман за заменик-претседател и со еден претседателски апартман.

Главниот ресторан „Дистрикт бар енд кичен“ е со дизајн на отворена кујна. Хотелот има осум места за одржување настани со вкупна површина од 800 квадратни метри простор за состаноци и за конференции.

Големата сала со простор за одржување состаноци е со површина од 565 квадратни метри, со капацитет до 600 лица.