Економија Со законски измени ќе се ограничи времето на издавање на сторно-сметки

Со законски измени ќе се ограничи времето на издавање на сторно-сметки

Со измените и дополнувањата на Законот за регистрирање на безготовинските плаќања, се пропишува законска обврска за приложување фискална сметка, кон сметката која се сторнира.

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска информираше дека ваквата обврска, иако досега била уредена со подзаконски акт, често не била почитувана од повеќето даночни обврзници, поради што и се пристапило кон овие измени.

„Се пропишува временско ограничување од 15 минути за сторнирање сметка за пијалаци и храна, ресторани, кафулиња, дискотеки, а се пропишува и временско ограничување од 15 минути за сторнирање сметка и во обложувалници, како и приложување фискална сметка кон сметката што се сторнира“, рече Лукаревска.

Додаде дека и при издавање фискална сметка, ќе треба точно да се внесе начинот на плаќањето, дали ќе се плати во готово, или со платежна картичка, а во случај на повторување на прекршоците од страна на даночните обврзници, со измените се пропишува и забрана за вршење дејност во деловна просторија на определен временски рок.

„Досегашната пракса покажува дека трендот со сторнирани сметки продолжува. Анализата покажува дека за две години има над една милијарда денари сторниран износ од вкупен промет од околу 17 милијарди денари. Износот платен во готово изнесува 14.806.212.149 денари, и 2.381.899.780 денари е износот платен на друг начин, електронски или со платежни картички“, рече Лукаревска.

Контролите покажале дека се сторнира во повеќе дејности, а на ваквата појава, не биле имуни ниту правните лица што обезбедуваат погребални услуги.

Управата за јавни приходи лани спровела 7.148 контроли за фискализација, од кои, кај 826 биле утврдени неправилности и тоа во најголем дел од обврзниците во Скопје.

„Намалувањето на даночната евазија во земјава, односно на сивата економија, ќе започне од дисциплинирањето на даночните обврзници. Овие контроли што ги споменавме како статистички податок, укажуваат дека во оваа бројка има даночни обврзници, пред се угостителски објекти што по шести пат имаат направено ист прекршок. А истите обврзници што ги прават овие прекршоци се први поборници за намалување на казните“ појасни Лукаревска.