Македонија Со „Викенд на врапчето“ во скопската Зоолошка, најмладите се едуцираа за борба...

Со „Викенд на врапчето“ во скопската Зоолошка, најмладите се едуцираа за борба против корупција и судир на интереси

На настанот „Викенд на врапчето“ најмладите учеа за корупцијата и за зашитата на укажувачите. Фото: ДКСК, 25 септември 2021

Во скопската Зоолошка градина викендов се одржа настан за најмладите организиран од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), со цел уште од мали нозе да се развива свесноста за последиците од корупцијата и судирот на интересите, како и за заштита на укажувачите.

Во рамките на настанот „Викенд на врапчето“ дечињата цртаа птици – симбол на укажувачите, а воедно се информираа заедно со своите родители за значењето на темата интегритет и важноста од заштита на укажувачите за создавање на просперитетно општество.

Содржините беа прилагодени на возраста на дечињата, за нивно полесно разбирање и усвојување, преку концептот на игра и забава. Актерката Ана Левајковиќ од Театарот за деца и младинци ги анимираше дечињата и преку разговор и игри им го доближи концептот на укажувачи и им ја пренесе пораката за важноста да се реагира и укаже на сѐ што е неправилно и штетно.

За секој цртеж, дечињата добиваа карта за влез во Бејби зоолошката градина и пакет за хранење на животните.

Настанот „Викенд на врапчето“ е дел од кампањата за заштита на укажувачите на ДКСК, како дел од ИПА II проектот на ЕУ „Промовирање на транспарентноста и одговорноста на јавната администрација во Северна Македонија“.