Економија Со ребалансот на буџетот се предвидени и пари за функционирање на ОТА

Со ребалансот на буџетот се предвидени и пари за функционирање на ОТА

Владата го разгледа и усвои предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2018 година со кој се предвидува ревидирање на проекцијата за раст на домашниот бруто-производ (БДП) на 2,8 проценти, задржување на буџетскиот дефицит на 2,7 отсто и намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто.

Дополнителни средства се обезбедени и за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување.

– Целта на предлог-ребалансот на буџетот за годинава е да се направат корекции на расходната страна со цел обезбедување на финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ) – рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Според него, ревидираната проекцијата за раст на БДП на 2,8 отсто се должи на блокадата за влез во НАТО и ЕУ од страна на опозицијата, а неизвесноста негативно може да влијае на економијата.

Реалокација на средства има и помеѓу буџетските корисници при што се обезбедуваат дополнителни 198 милиони денари за политички партии и истражувачки центри согласно промената на закон, како и средства за функционирање на ОТА до крајот на годината. Најголема алокација во ребалансот, има за општините.

– За општините се обезбедува финансиска поддршка во висина од 3,020 милијарди денари, со цел намалување на доспеаните, а неплатени обврски на општините. Исто така, со закон ќе се постави механизам за спречување на можноста за трупање на неплатени обврски во општините – потенцира Тевдовски.

Тој прецизираште дека законите се во финална фаза на изработка и оти ќе бидат доставени до Собранието доколку на пленарната седница биде изгласан почетокот на постапката на уставните промени.

– Во спротивно, ќе се распишат предвремени парламентарни избори и овој ребаланс на буџетот нема да може да биде усвоен од страна на Собранието. Во моментов постои можност да им се помогне на општините, а доколку дојде до неприфаќање на почеток на постапката за уставни промени и се распишат предвремени парламентарни избори, таквата можност ќе се изгуби бидејќи во предлог-буџетот за 2019 година, кој е во фаза на изработка, не постои фискален простор за финансиска поддршка на општините – посочи Тевдовски.