Дописници Со европски пари ќе се гради нов мост во Гостивар

Со европски пари ќе се гради нов мост во Гостивар

Со пари од европски фонд за развој на општинска инфраструктура, во Гостивар ќе се гради нов мост на реката Вардар. Со мостот ќе се поврзат два значајни дела на градот, со што ќе се ублажи сообраќајниот метеж во централното градско подрачје, а нормализиран сообраќај ќе добијат и жителите на градските населби Дутлок,  Фазанерија и Циглана, како и оние од селските населби, кои гравитираат кон овој дел на градот.

Услови за изградба на новиот мост се создадоа откако претходно беа урнати неколку куќи на улицата ЈНА, каде се отвори нова улица кон реката Вардар.

Од локалната самоуправа на Гостивар информираа дека за мостот ќе се потрошат половина милион евра европски пари, а Гостивар е единствената општина во Македонија што успеала да обезбеди пари од Фондот за развој на општинска инфраструктура.

Фондот е поддржан од Владите на Германија, Австрија и на Швајцарија за остварување долгорочна одржливост на општинските услуги во западнобалканските земји.