Главна секција Со една партија, ниту има избор, ниту ќе има избори на 5...

Со една партија, ниту има избор, ниту ќе има избори на 5 јуни, порачаа демонстрантите

Еднопартиски избори не може да има, Собранието веднаш да се собере и да ја повлече одлуката за нивно одржување на 5 јуни, порачаа демонстрантите на вечерашниот протест на „Шарена револуција“. Според нив, преку изборите власта сака да ја легализира диктатурата.

Демонстрантите го обоија Собранието, а на улицата пред него со големи букви испишаа „Не можете да ја избришете Шарената револуција 2016“.

Претседателката на комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, Мила Царовска, го повика Собранието да се собере и да ја повлече одлуката за избори на 5 јуни.

– Со една партија, ниту има избор ниту ќе има избори на 5 јуни. Глумиме држава, глумиме демократија, а имаме диктатура за која ќе потрошиме 7,5 милиони евра – рече Царовска.

Како претставник на левичарските здруженија, Зоран Василевски потсети дека поранешниот премиер Никола Груевски на власт дошол во колку-толку демократски систем и преку една телевизија која потоа ја уништил.

– Нашиот став е јасен од 5 мај. Ќе протестираме затоа што не се согласуваме со парцијални решенија во држава во која младите си заминуваат. Во ситуација сум да убедувам другар да не си оди од земјата, а немам аргументи – рече Василевски.

Демонстрантите порачаа дека аболирани политички елити не можат да ја водат државата, односно луѓе кои велат дека граѓаните што протестираат се хулигани, а кога тие крадат, тоа е бизнис.

Бојадисувањето од пред Собранието, продолжи пред зградата на Министерството за надворешни работи, каде што демонстрантите вторпат ја обоија фасадата и испишаа порака „Нема правда нема мир.“

Протестите традиционално почнаа пред Специјалното јавно обвинителство каде демонстрантите на крстосницата од булеварите Митрополит Теодосиј Гологанов и Св.Климент Охридски со боја на асфалтот испишаа  „Шарена револуција старт.“

Протестот заврши пред зградата на Владата каде активистите со чатали и со балони со боја се обидоа да ја обојат фасадата.