Подглавна секција Со дрон од Иран погоден танкер кај индискиот брег

Со дрон од Иран погоден танкер кај индискиот брег

Бунтовничката организација Хути, поддржана од Иран, а која контролира голем дел од Јемен, тврди дека цел ѝ се бродови поврзани со Израел, поради продолжувањето на војната во Газа

George E. Koronaios, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Танкер со хемикалии вчера бил погоден од беспилотно летало лансирано од Иран во Индискиот океан, соопшти американската војска, а пренесуваат светските новински агенции.

Според Пентагон, бродот „Chem Pluto“ (Хем Плуто) бил погоден околу 370 километри од брегот на Индија. Пожарот на бродот е изгаснат, а жртви нема, јавува Би-си-си.

Станува збор за танкер под знамето на Либерија, во јапонска сопственост и управуван од Холандија.

Техеран не го коментираше тврдењето на Пентагон дека дронот бил лансиран од Иран. Неодамна се случија серија напади со дронови и ракети врз бродови во Црното Море, извршени од бунтовничката организација Хути во Јемен, поддржана од Иран.

Во одделен развој на настаните, Централната команда на САД рече дека вчера две балистички ракети на Хути биле истрелани кон меѓународните бродски патеки во јужниот дел на Црвеното Море од областите во Јемен контролирани од Хути. За ниту еден брод не било пријавено оти е погоден од ракетите.

Во соопштението се додава и дека воен брод кој патролирал во областа соборил четири беспилотни летала кои потекнуваат од областите во Јемен контролирани од Хути.

Подоцна истиот ден, танкер за сурова нафта пријавил оти е погоден од дрон на Хути во јужниот дел на Црвеното Море.

Бунтовниците, кои контролираат голем дел од Јемен, тврдат дека цел им се бродови поврзани со Израел поради продолжувањето на војната во Газа.

Поради зголемен ризик од напади, многу големи светски групи за испорака на стока ги прекинаа операциите во Црвеното Море.

Претходно, компанијата за поморска безбедност „Амбри“ соопшти дека бродот „Хем Плуто“ е поврзан со Израел и се движел од Саудиска Арабија кон Индија.

Вчера САД го обвинија Иран дека е „длабоко вклучен“ во планирањето на операциите против трговските бродови во Црвеното Море.