Македонија Словачка донираше четири респиратори за Клиниката за детски болести за лекување на...

Словачка донираше четири респиратори за Клиниката за детски болести за лекување на ковид-пациенти

Фото: Принт-скрин видео

Република Словачка донираше четири респиратори на Универзитетската клиника за детски болести, медицинска опрема со која што ќе се лекуваат децата заболени од ковид-19. Според директорката на клиниката Аспазија Софијанова, оваа донација ќе значи спасување на детски животи.

Таа информираше дека во моментов на клиниката се лекуваат 15 деца со 15 мајки, кои се стабилни и не се во животозагрозувачка состојба. Намалувањето на трендот на заболувања од ковид-19 го има и кај децата.

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека овие респиратори дале одлични резултати.

„Ова е уште една донација на системот за солидарност на ЕУ. Благодарение на овој систем стигнаа доста донации со кои подобро ја менаџиравме кризата. Благодарност до министерот на Словачка и многу активниот амбасадор кај нас на Словачка. Тој се вложи многу во оваа донација за овие четири респиратори да стигнат во нашата земја наместо на друго место. Тоа се респиратори за пациенти кои што се заболени од ковид и навистина тие дадоа одлични резултати,“ истакна Филипче.

Заменик-министерот за надворешни работи на Словачка, Мартин Клус, рече дека секој спасен живот тука во Македонија со респиратори кои се направени во Словачка им значи многу и дека тие ја поддржуваат државата на патот кон ЕУ.