Македонија Слепите лица на протестен марш, побараа средба со премиерот

Слепите лица на протестен марш, побараа средба со премиерот

Фото: Мета.мк

Стотина членови на Националниот Сојуз на слепите лица на Република Македонија (НССРМ) денеска на пладне од Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во колона, држејќи се за јаже, се упатија на протестен марш до Владата, каде, како што најавија, ќе останат до 15 часот.

„Бараме прием кај премиерот. До сега повеќе пати за подобрување на нашите права сме разговарале со Министерството за труд и социјална политика и со советници во Владата, меѓутоа до сега не сме нашле решение. Затоа сега бараме средба со премиерот“, изјави за Мета.мк претседателот на НССРМ, Жарко Селковски.

Според Селковски, слепите лица и лицата со телесен инвалидитет се во тешка економска состојба, и земајќи ги предвид поскапувањата на основните продукти, неопходна им е помош. Од таа причина, бараат додатокот за попреченост, кој изнесува 7.500 денари, да биде 40% од просечната плата, а сумата за „туѓа нега“, која сега изнесува околу 4.000 денари, да биде 30 отсто од просечната плата.

Селковски истакна и дека според моменталната состојба слепите лица немаат право за користење на помагала, па затоа бараат и системско решавање на овој проблем, а додека да се изнајде решение, да се продолжи со исплата на средства во сума од 1.000.000 денари годишно, се со цел Националниот Сојуз на слепите лица на Република Македонија да може на своите членови да им ги обезбеди неопходните помагала за олеснување на нивниот секојдневен живот.

Мајка на дете со посебни образовни потреби: Секој 1 септември ми е кошмар