Хроника Скопјанец осомничен за серија кражби од возила во Охрид

Скопјанец осомничен за серија кражби од возила во Охрид

Секторот за внатрешни работи Охрид поднел кривична пријава против 30-годишниот Д.Д. од Скопје поради основан сомнеж дека извршил серија кражби во автомобили на туристички локации во Охрид.

Полицијата го сомничи скопјанецот дека користејќи соодветен алат и физичка сила провалувал во автомобили, сопственост на македонски и на странски државјани, од кои одземал пари, лаптоп-компјутери, хард-дискови, видеокамери, облека, обувки, сувенири, спортска опрема, мобилни телефони и кредитни картички.

Осомничениот, како што соопштија од СВР Охрид, кражбите ги извршил во текот на март и на април оваа година, во туристичкиот комплекс „Свети Наум“ и на паркиралиштето кај комплексот „Музеј на вода“ во близина на Заливот на коските.

Имотната корист што ја стекнал осомничениот дополнително ќе се утврдува, велат од полицијата.