Главна секција СЈО: Обжалени се одлуките на Кривичниот суд во Скопје, истрагата продолжува

СЈО: Обжалени се одлуките на Кривичниот суд во Скопје, истрагата продолжува

Специјалното јавно обвинителство завчера преку својата официјална страница на „Фејсбук“ соопшти дека поднело жалба на одлуката на судот за неодредување мерка притвор за осумтемина осомничени за изборни нерегуларности од акцијата „Титаник“.

„Обжалени се одлуките на Кривичниот суд во Скопје. Истрагата продолжува“, стои во објавата на СЈО на „Фејсбук“.

Совет на Основниот суд Скопје 1 составен од тројца судии во рок од 48 часа треба да се изјасни по жалбата на СЈО.

Специјалното јавно обвинителство во петокот ја соопшти својата прва акција, насловена „Титаник“, и побара притвор за осум лица осомничени за изборна измама. Меѓу осомничените се поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, и поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски.

Јанакиевски, Темелко и уште двајца осомничени во петокот се појавија на распит во Основниот суд Скопје 1, но не им беше изречена мерка притвор. Јанкулоска и Божиновски преку своите адвокати го известиле судот дека поради патување не биле во можност веднаш да се јават во судот.