Главна секција СЈО: На Јанкулоска и кажавме дека има право на увид во доказите...

СЈО: На Јанкулоска и кажавме дека има право на увид во доказите и ќе и ги дадеме неделава

На поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, од обвинителите на Специјалното јавно обвинителство и било предочено дека има право на увид во доказите против неа, пред да даде исказ, велат за „Мета“ од СЈО.

Јанкулоска се повикала на ова право, по што распитот, кој требаше да се одржи денеска, е одложен, а увидот во доказите е закажан за оваа недела.

– Увидот во доказите е право на странките во постапката и ние тоа им го предочуваме на лицата кои се повикуваат да дадат исказ. На осомничената и беше предочено дека има право на увид и таа го знаеше тоа и го потпиша записникот. Увидот во доказите е договорено да започне оваа недела – ни изјавија од СЈО.

Јанкулоска денеска по излегувањето од СЈО, каде беше повикана на распит, изјави дека таа и нејзиниот адвокатски тим побарале одложување на распитот бидејќи, како што рече, не биле исполнети минималните услови и „процесно-правни стандарди“. Како што појасни, таа побарала да и бидат дадени на увид доказите и документите врз основа на кои е осомничена за да знае за што точно се товари.

Таа рече дека повикувањата на лица што сега ги прави СЈО се избрзани и се во функција на предвремените избори, а во корист на опозициската СДСМ.