Македонија СЈО ја обжали одлуката на Апелација – ист судија не може двапати...

СЈО ја обжали одлуката на Апелација – ист судија не може двапати да одлучува

Специјалното јавното обвинителство соопшти дека поднело жалба до Врховниот суд – Скопје бидејќи одлуката на Апелацискиот суд – Скопје за одбивање на барањето за продолжување на притворот за осомничениот во случајот „Транспортер“, Владимир Талевски, ја донел судија кој претходно одлучувал за истиот предмет.

„Во жалбата укажавме на суштествени повреди на Законот за кривичната постапка, односно на тоа дека при донесување на одлуката со која е одбиен предлогот на ова обвинителство по однос на мерката притвор, учествувал судија кој морало да се изземе бидејќи веќе еднаш одлучувал во истиот предмет. Конкретно, како што е уредено со Законот, а за да се обезбеди непристрасност на судијата, ист судија не сме да одлучува доколку веќе одлучувал во донесување одлука во понискиот суд или учествувал во донесување одлука која се побива со жалбата (чл.33, ст.1, т.5 од ЗКП). Имено, конкретниот судија веќе имал оформено сопствено мислење во однос на притворот за осомничениот, што несомнено укажува на негова пристрасност“, стои во соопштението.

Во дописот се наведува дека во однос на решението на Врховниот суд Скопје, со кое е укинат притворот за Талески и е заменет со мерка на претпазливост, СЈО нема право на жалба.