Македонија СЈО ги обжали паричните казни и бара одговорност од Поп-Стефанија и од...

СЈО ги обжали паричните казни и бара одговорност од Поп-Стефанија и од Петровска

Специјалното јавно обвинителство денеска до Основниот суд Скопје 1 поднело жалби на одлуката на судијката Татјана Михајова да ги казни по 2.000 евра специјалните обвинителки Катица Јанева и Фатиме Фетаи, што таа ја донесе на последното рочиште за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 г., случај познат во јавноста како „Шамари“.

– Сметаме дека одлуката е незаконска поради што го искористивме правото на жалба – вели специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Денеска, информираат од СЈО, до Советот за утврфдување на факти биле поднесени и претставки против судијките Александра Поп-Стефанија и Лидија Петровска  заради утврдување на нестручно и несовесно вршење на судската функција.

Од кабинетот на Јанева укажуваат и на несоодветната соработка на Здружението на јавните обвинители на Република Македонија со СЈО.

– Имено, од страна на Здружението на јавни обвинители оневозможено е на годишното собрание на Здружението да присуствуваат тројца претставници на ова јавно обвинителство (СЈО, н.з). Така, дописот со кој се известуваме за одржување на собранието е од 13 февруари 2017 година, а е испратен преку препорачана пратка во пошта на 24 февруари 2017 година во 12.13 часот, иако самата седница на годишното собрание е закажана токму за 24 февруари 2017 година, со почеток во 12.30 часот – стои во соопштението на СЈО.

Записникот на судот од рочиштето за случајот „Шамари“, одржано на 22 февруари 2017 г., можете да го видите овде.