Главна секција Синодот на МПЦ е загрижен, бара да се зачува унитарноста на државата...

Синодот на МПЦ е загрижен, бара да се зачува унитарноста на државата и да се направи попис

Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА изразува голема загриженост за актуелната ситуација во која се наоѓа македонското општество и повикува на меѓусебно почитување, проштевање, помирување и на одговорност.

Синодот на МПЦ преку соопштението од денешната седница, апелира до политичките лидери да ја зачуваат уставната позиција на македонскиот јазик на територијата на Македонија во согласност со Уставот, како и унитарниот карактер на државата.

„Сегашноста и иднината на Македонија ја гледаме преку сочувувањето на унитарниот карактер на Македонија, а за сето ова ни е потребно меѓусебно помирување и национално единство. Стремејќи се кон тоа, нашиот верен народ треба да се раководи и од евангелските христијански вредности. Македонските национални државни и стратешки интереси можат да се сочуваат само преку личната одговорност на секој од нас, што подразбира живеење по Божјите заповеди, запазување на државните институции и националните права загарантирани со Уставот на РМ“, се наведува во соопштението од Синодот на МПЦ-ОА.

Според Синодот, на Македонија ѝ е потребен попис на населението кој треба да биде спроведен не заради одземање нечии права, туку за остварување на придобивките на сите граѓани што живеат во земјата.