Македонија Синдикатот на контролори на летање го откажа штрајкот

Синдикатот на контролори на летање го откажа штрајкот

Од Синдикатот наведуваат дека една од причините да не се штрајкува е фактот што доаѓаат новогодишните празници, кога повеќе македонски граѓани се враќаат во земјава и има прилив на туристи

Фото: Архива на „Мета“

Најавениот штрајк за 25 декември и за 1 јануари на контролорите за летање е ставен во мирување. Синдикатот на контролорите на летање денеска информираше дека се договориле да отстапат од штрајкот, најавувајќи дека ќе го следат начинот на селекција на вработените лица на огласот во текот на јануари наредната година.

Исто така, од Синдикатот наведуваат дека една од причините да не се штрајкува е фактот што доаѓаат новогодишните празници, кога повеќе македонски граѓани се враќаат во земјава и има прилив на туристи.

Членови на Синдикатот ќе бидат во комисијата за селекција на идните вработени, а со цел да се примат квалитетни кадри кои се дефицитарни во Контролата на летање.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски пред неколку дена побара контролорите во М-НАВ да се воздржат од штрајк за новогодишните празници, а тој одржа и средба со претставници на Синдикатот од Контролата на летање.

Инаку, причината за најавата за штрајк на контролорите на летање беше за  непрофесионалното однесување на директорите во однос на вработувањата на иден кадар, за внатрешните прераспоредувања, како и за несоодветните услови за работа и опрема во компанијата.