Македонија Силна поддршка од Шведска за европските интеграции на нашата земја

Силна поддршка од Шведска за европските интеграции на нашата земја

Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска во Стокхолм се сретнаа со Стефан Лофвен, премиер на Кралството Шведска.

Како што информираат од владината прес – служба, на средбата била изразена поддршка за европските интеграции на нашата земја. Констатирано било дека Македонија направила видлив реформски прогрес во делот на правосудството, борбата против корупцијата, добрососедските односи и дека тоа треба да биде вреднувано со исчекор во евроинтеграциите.

„Порачано е дека Македонија може да смета на поддршката од Кралството Шведска и во иднина“, се наведува во владиното соопштение испратено по средбата.

Заев и Шекеринска се заблагодариле на премиерот Лофвен и на Кралството Шведска за постојаната поддршка на демократските процеси и на сите клучни политички процеси за напредокот на нашата земја.

– Работиме на реформите и понатаму со став дека европските перспективи за нас како држава немаат алтернатива. Во очекување сме и на заокружување на НАТО интеграциите. На нашата држава, како и на Западен Балкан и на Европа им се потребни стабилност, просперитет и развој. Потребна им е одржливост. Тоа се процеси во коишто Шведска дава водечки придонес за што сме благодарни – рекол меѓу другото, премиерот Зоран Заев, на средбата со шведскиот премиер Стефан Лофвен.