Македонија Штајнмајер: Решението на спорот за името ќе даде импулс за регионот

Штајнмајер: Решението на спорот за името ќе даде импулс за регионот

Македонскиот премиер Зоран Заев вчера во рамките на официјалната посета на Германија, покрај со канцеларката Ангела Меркел, се сретна и со претседателот на Сојузна Република Германија Франк Валтер Штајнмајер.

Германскиот претседател Штајнмајер рекол дека ги почитува напорите на Владата на Република Македонија и рекол дека се направени видливи и значајни промени во придвижувањето на земјата напред и спроведување на реформите.

– Решение на спорот со Грција ќе даде позитивен импулс за целиот регион и значително ќе влијае на стабилноста – рекол Штајнмајер.

Како што соопшти македонската Влада, двајцата соговорници го оцениле како исклучително позитивен и динамичен досегашниот развој на односите меѓу Македонија и Германија и се согласиле дека така ќе биде и во иднина.

Заев информирал дека освен политиките за забрзување на евроинтеграциските процеси, напорите на Владата се фокусирани на спроведувањето на одржливи внатрешни реформи и за затворање на долгогодишни и длабоко чувствителни прашања со соседите.

Соговорниците разговарале и за економската соработка, активната соработка во сферата на безбедноста и одбранбените политики, и членството на Македонија во НАТО.