Свет Европа Штајнмаер: На Европската Унија ѝ се заканува пропаст

Штајнмаер: На Европската Унија ѝ се заканува пропаст

Германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, предупредува дека на Европската Унија би можело да ѝ дојде крајот.

– Ако веќе не умееме да ја цениме вредноста на Европската Унија, тогаш таа ќе пропадне – рече Штајнмаер во интервју за „Зидојче цајтунг“.

Според неговите зборови, во текот на минатата година се покажало дека вредностите што со децении важеле за апсолутно сигурни, одеднаш целосно се доведени во прашање.

– Вечен мир на нашиот континент, Европа без алтернативи – тоа едноставно повеќе не важи. Финансиската криза, бегалскиот бран и шокот поради референдумот во Британија ја турнаа Европската Унија во жестоки турбуленции – изјави Штајнмаер и наведе дека досега десничарските популисти се обидувале да го искористат моментот и наводниот неуспех на ЕУ за придобивање поддршка.

Германското министерство за надворешни работи, најави тој, ќе почне еден вид турнеја по Германија и низ Европа за да разговара со граѓаните на ЕУ и за нејзината иднина.

– Сакаме да чуеме критика и да видиме што во Европа чини, а што не – додаде Штајнмаер.