Свет Европа Штајнмаер: Брексит ќе има долгорочни последици

Штајнмаер: Брексит ќе има долгорочни последици

Министерот за надворешни работи на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, денеска изјави дека одлуката на Велика Британија да ја напушти Европската Унија ќе има долгорочни последици кои тешко ќе можат да се проценат, порачувајќи дека и на двете страни ќе им бидат потребни нови праведни и обврзувачки правила за нивните идни односи, јавува „Ројтерс“.

Шефот на германската дипломатија во обраќањето на собирот пред повеќе од 1.000 германски дипломати и бизнисмени во министерството за надворешни работи изјави дека во интерес на Велика Британија е набргу да почне со процесот на излегување, имајќи ги предвид економските ефекти од нејзината одлука, кои, како што истакна, стануваат очигледни.

Британскиот референдум за понатамошно членство во ЕУ се одржа на 23 јуни, кога најголем дел од Британците се одлучија за излегување од Европска Унија. Но, премиерката Тереза Меј нема намера до крајот на годината да го активира членот 50 со кој ќе се почне процедурата за излегување, за да има време да ја подготви излезната стратегија.