fbpx

Европската комисија предложи воведување на дигитална возачка дозвола и прекугранично спроведување на сообраќајните правила

Повеќе од 20.000 лица загинале на патиштата низ ЕУ минатата година, а најголем дел од жртвите биле пешаци, велосипедисти, корисници на скутери и мотоцикли.

-

Европската комисија денеска ги претстави предлозите за модернизација на правилата за издавање возачки дозволи, меѓу кои се предвидува и воведување дигитална возачка дозвола која ќе важи низ целата Европска Унија (ЕУ), како и нови одредби кои би го олесниле спроведувањето на сообраќајните правила надвор од границите на земјите-членки.

Комисијата очекува новите правила да ја подобрат безбедноста за сите учесници во сообраќајот и да помогнат ЕУ да ја постигне својата „Визија Нула“ (Vision Zero) – да нема смртни случаи на патиштата до 2050 година. Предложените правила треба да ги подготват возачите за возила со нулта емисии на стакленички гасови и за возење по градски патишта, со повеќе велосипеди и возила на две тркала, со многу пешаци наоколу.

За да се поедностави признавањето на возачките дозволи меѓу земјите-членки, Комисијата предлага воведување на дигитална возачка дозвола, за првпат во светот.

„Ќе биде многу полесно да се замени или обнови возачката дозвола бидејќи сите процедури ќе бидат онлајн. На истиот начин, на граѓаните од земјите кои не се членки на ЕУ каде важат слични стандарди за безбедност на патиштата, ќе им биде полесно да ја заменат својата возачка дозвола за дозвола на ЕУ“, се вели во предлогот на Европската комисија.

Меѓу предложените правила е и правилото младите возачи да стекнат искуство преку шема на возење со придружба, односно од 17-годишна возраст младите да можат да научат да возат автомобил и камион, а оние што ќе добијат дозвола на 17 години, да можат да возат самостојно од својот 18-ти роденден, но и да работат како професионални возачи веднаш штом одредена работа ќе го дозволи тоа. Со ова, ЕУ очекува да го реши тековниот недостиг на возачи.

Предлозите се инспирирани од најдобрите практики кои се веќе на сила во неколку земји-членки. Правилата предлагаат пробен период од најмалку две години за возачите почетници по полагањето на возачкиот испит и правило за нулта толеранција за возење под дејство на алкохол.

Понатаму, се предвидува обуките и тестирањата на возачите да бидат прилагодени на околности во кои се присутни ранливи корисници на патот, со што се очекува да се подобри безбедноста за пешаците, велосипедистите и корисниците на скутери, како што ЕУ преминува кон поодржлива урбана мобилност.

Возачите почетници се предвидува да бидат научени како нивниот стил на возење има влијание врз емисиите на стакленички гасови, на пример преку времетраењето на менувањето на брзината. Се предлага и прилагодување на дозволената маса на возило од „Б“ категорија со алтернативно гориво, бидејќи возилата на батерии кои емитуваат нула емисии, може да бидат потешки.

Меѓу новитетите во правилата за возење, се предлага и проширување на опфатот на сообраќајни прекршоци, па според предлогот под прекршоци ќе спаѓа и недржењето доволно растојание од возилото напред, опасно претекнување, опасно паркирање, непочитување на правилата за користење на коридори за итни случаи и употреба на преоптоварено возило.

За да се спречи неказнивоста меѓу прекршителите на сообраќајните правила, ќе биде воспоставен и нов систем што ќе овозможи забрана за возење ширум ЕУ кога земја-членка ќе одлучи да му забрани на одреден возач да вози поради прекршок направен на нејзината територија.

Денешните предлози треба да бидат разгледани од Европскиот парламент и Советот според вообичаената законодавна процедура.

Повеќе од 20.000 лица загинале на патиштата низ ЕУ минатата година, а најголем дел од жртвите биле пешаци, велосипедисти, корисници на скутери и мотоцикли.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...