Свет Европа Шпанскиот суд одби кауција за џихадистите

Шпанскиот суд одби кауција за џихадистите

Судот во Шпанија ја отфрли можноста за кауција на седумте осомничени припадници на џихадистичка ќелија која, наводно, барала извршување напади во земјата и регрутирала борци за Исламска држава во Ирак и во Сирија.

Судијата на Националниот суд, Хавиер Гомез Бермудез, ги испитал осомничените, по што еден од нив ослободил, додека на другите им го продолжил притворот.

Бермудез ќе донесе одлука дали истрагата ќе биде продолжена или ќе одреди датум за почеток на судскиот процес против осомничените, кои се шпански државјани. Петмина од осомничените се со мароканско потекло.

Судијата соопшти дека полицијата против ќелијата води истрага од јуни 2014 година и оти постојат докази дека ја сочинуваат најмалку 10 лица. Бермудез додаде дека осомничениот лидер на ќелијата, чие име не е објавено, имал интернет-страница на која поттикнувал на тероризам, а за време на апсењето поседувал видеоснимка „Обука на Исламска држава во Шпанија“.