Подглавна секција Шолц вети германска помош во египетските напори кон ослободување на заложниците на...

Шолц вети германска помош во египетските напори кон ослободување на заложниците на Хамас

Вложуваме максимални напори да го обезбедиме нивното ослободување, рече Шолц на прес-конференција со Фатах ал-Сиси вчера во Каиро

Фото: Michael Kappeler/dpa Pool/dpa

Германскиот канцелар Олаф Шолц му ја вети германската помош на египетскиот лидер Абдел Фатах ал-Сиси во напорите да се обезбеди ослободување на израелските граѓани кои се заложници на исламистичката милитантна група Хамас, пренесува германската агенција ДПА.

„Вложуваме максимални напори да го обезбедиме нивното ослободување“, рече Шолц на прес-конференција со Фатах ал-Сиси вчера во Каиро.

Шолц рече дека „трогателните разговори“ со роднините на некои од заложниците кои ги држи Хамас во Газа ја зајакнале неговата решителност и ја нагласиле итноста во напорите за нивно ослободување.

Германскиот канцелар нагласи дека ослободувањето на заложниците, меѓу кои има и неколку германски државјани, мора да се случи без никакви условувања.

Тој во посетата на Египет, му се заблагодари на Ал Сиси за неговите напори за деескалација и посредување во војната меѓу Хамас и Израел. Тој, исто така, повика на брза хуманитарна помош за луѓето во затворениот Појас Газа.

„Палестинците не се Хамас. И Хамас нема право да зборува во име на Палестинците“, рече Шолц, повикувајќи на хуманитарен пристап до Газа во најбрзо време.

„На луѓето таму им треба вода, храна и лекови. Нема да го оставиме народот сам. Германската влада ќе продолжи со хуманитарната посветеност на Газа за да ги ублажи страдањата на цивилното население“, рече канцеларот.

Пред 11 дена, Израел прогласи „целосна опсада“ на Газа, прекинувајќи го снабдувањето со електрична енергија, вода и други резерви на тесната палестинска крајбрежна енклава по нападите на Хамас врз Израел.

Во повторените одмазднички израелски напади врз Појасот Газа, со кој владее Хамас, досега загинаа најмалку 3.200 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа.

Акциите на Израел дојдоа како одговор на координираните напади од Хамас врз Израел, започнати од Газа на 7 октомври, во кои загинаа најмалку 1.400 луѓе, од кои најголем број цивили.